Меѓународна конференција за Водата во организација на УНЕСКО

Од 13 до 14 мај 2019 год., во седиштето на УНЕСКО во Париз, се одржа Меѓународна конференција посветена на Водата во организација на УНЕСКО. Конференцијата беше организирана со цел јакнење на меѓусекторската соработка и споделување на добри практики кои овозможуваат вклученост, транспарентност и повеќедисциплинарност во управувањето со водите.

На конференцијата присуствуваа 1300 делегати и владини претставници од 126 земји во светот од областа на заштитата и управувањето со водите. Конференцијата беше отворена од страна на генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Одри Азоли, која во својот говор потенцираше дека водата е живот и основно човеково право и дека е од витално значење за целата планета. Понатаму додаде, дека водата претставува незаменлив услов за одржлив развој на сегашните и на идните генерации и дека потребен е повеќедисциплинарен и сериозен пристап во заштитата и управувањето со неа, бидејќи дури помалку од еден процент од целата водена маса на земјата е дозволена за пиење и санитарна употреба.

Во рамките на конференцијата се одржаа повеќе панел-сесии на теми како Енергетска поврзаност и водата во Африка; Водата и технолошките иновации; Едукација за вода и одржлив развој; Кон нова глобална визија за етичко постапување со водата на Земјата; Безбедност на водите и др.

На 13 мај се одржа и панел-сесија на тема ,,Водата и културното наследство“, која беше модерирана од страна на директорката на Центарот за светско наследство, г-ѓа Мехтилд Рослер.  Како панелист на оваа сесија учествуваше м-р Ана Алексова од Одделението за меѓународна соработка при Управата за заштита на културното наследство, која презентираше на тема ,,Природното и културното наследство на Охридскиот регион – 40 години Светско наследство“.  На сесијата панелистите ги споделија своите искуства за управувањето со добрата од Листата на светско наследство, кои се наоѓаат во близина на вода или се тесно поврзани со неа во Перу, Алжир, Индонезија, Боцвана и во С. Македонија, по што следуваше дискусија и заклучни согледувања. На дискусијата беше потенцирана значајноста на водата за развојот на културите и цивилизациите, како и за интеракцијата помеѓу луѓето и природата и во таа насока, беше констатирано дека неопходна е интеграција на културното наследство поврзано со водата во сегашните и идни плански документи и политики, со цел јакнење на меѓусекторските и меѓуинституционалните партнерства и соработка и интегриран пристап во заштитата на водата и наследството.

Bookmark the permalink.

Comments are closed