Разговор со Весела Честоева, в.д. директорка на Управата за заштита на културното наследство: Македонското археолошко богатство на престижната берза за археолошки туризам во Италија

Разговор со Весела Честоева, в.д. директорка на Управата за заштита на културното наследство

Весела Честоева е дипломирана историчарка на уметноста со археологија, магистрантка на Институтот за национална историја, поранешна пратеничка во Собранието на Република Македонија во периодот од 2008 до 2011 година и веќе 20 години е дел од македонските културни политики преку менаџирање повеќе културни институции, како што е центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ од Неготино, таа е прва директорка и основачка на новиот правен субјект Археолошки музеј на Македонија, прва директорка и основачка на Локалниот вински музеј за регионот Тиквеш во Кавадарци. Исто така таа е претседателка и учесничка во повеќе комисии од областа на културата, претседателка е на Одборот за подигање споменици и спомен-обележја во Кавадарци, во чиј дел се Спомен-собата на 12-те ваташки младинци, Фонтаната на Сашко Гешовски и бистите во чест на ваташките младинци… Во моментов е актуелна директорка на Управата за заштита на културното наследство, а неодамна имаше успешен настап на значаен културен настан во Италија. Тоа беше повод за разговор со неа.

Неодамна се вративте од Италија, каде што имавте успешно претставување. За што поточно станува збор?
– Берзата за археолошки туризам во Салерно, Италија, е меѓународна манифестација што почнала да се реализира од 1997 година и која секоја година привлекува илјадници посетители од целиот свет. Традиционално се одржува во античкиот град Пестум. Оваа година се одржа од 31 октомври до 3 ноември. Република Македонија, во организација на Управата за заштита на културното наследство, по седум години пауза, се претстави на берзата со свој штанд.

Со што се претставивме на берзата?
– На штандот беа изложени печатени промотивни материјали придружени со виртуелни презентации на 60 археолошки локалитети и цркви од Македонија, кои, благодарение на соработката со невладината организација „Концепт за култура“ од Скопје, ѝ беа отстапени на управата на користење за овој настан. Печатениот материјал се состоеше од публикации од капиталниот проект на Владата на Република Македонија „Најзначајни вредности од областа на културното и природното наследство“, кои претставуваат дел од 130 монографии за археолошкото наследство, сакралното наследство и ризниците на црквите, манастиритие и богатото природно наследство во Македонија. Дел од материјалите на саемот беа обезбедени од едицијата „Macedonia Timeless“ во издание на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Република Македонија. Во делот на нематеријалното наследство беа обезбедени цеде-изданија за македонското оро „копачка“ што автентично го негува истоимената фолклорна група од делчевското село Драмче и претставува заштитено нематеријално културно добро на Репрезентативната листа на УНЕСКО.
Каков беше интересот за нашиот штанд?
– Штандот на Република Македонија имаше голем број посетители, кои изразија голема заинтересираност за ранохристијанските мозаици од Хераклеја, Скупи, Стоби, античките градови, мегалитската опсерваторија Кокино, како и црквите и манастирите. Многумина беа пријатно изненадени од она што го нуди Република Македонија и беа заинтересирани за туристички понуди за посета на нашата земја. На штандот постоеше голема динамика од наша страна, што секако придонесе до голема посетеност и заинтересираност за нашата земја.

Имавте ли и други активности во Италија за време на Вашиот престој таму?
Македонската делегација и јас како директор на Управата за заштита на културното наследство воспоставивме средби и состаноци со високи претставници на италијанскиот дипломатски кор, претставени од амбасадорката на Република Македонија во Ватикан, Н.Е. Марија Ефремова, поранешниот амбасадор и голем пријател на Македонија, Н.Е. Масимо Белели, претставник од Министерството за култура на Италија, како и директорот и основач на Медитеранската археолошка берза, г. Уго Пицарели. Меѓу гостите на штандот беа и почесниот конзул на Република Македонија во Италија (Неапол), г. Артуро Палма, и д-р Микеле Фасоло, археолог, автор на голем број трудови од областа на археологијата и главен уредник на списанието „Археоматика“.

Со кои искуства се вративте од Италија, кои би можеле да ги искористиме во наредниов период?
– Би сакала да истакнам дека голем дел од учесниците на саемот имаа свои постојани презентации на археовиртуелни „производи“ (софтверски решенија, печатени материјали во аугментирана реалност, како и холографски претстави и производи од ласерски 3Д-печатари), кои се користат во промоција на богатото културно наследство на Италија. Во овој дел, би сакала да истакнам дека во наредниот период како директор ќе се фокусирам на овој сегмент и на наредното претставување да обезбедиме поголем дел дигитализиран промотивен материјал, кој сè повеќе станува дел од претставувањето на културното наследство и кој повеќе допира до помладата генерација корисници на дигитализирани информации поврзани со културното наследство.
На крајот би сакала да истакнам дека оваа Археолошка берза претставува можност за средба, проучување и ширење теми поврзани со развојот, управувањето и валоризацијата на археолошкото наследство и промоцијата на археолошкиот сегмент на културниот туризам. Таа е меѓународен настан во кој Италија и други земји, гости од цел свет, ги претставуваат своите културни богатства преку различни активности, разменувајќи искуства и презентирајќи ги најпознатите археолошки наоѓалишта, сакрални споменици и природни богатства. М.В.

Превземено од: Нова Македонија

Bookmark the permalink.

Comments are closed