Ден за одбележување на културните практики поврзани со верувањата за 1ви март

На 01.03. 2019 година во просториите на Општинската народна библиотека „Браќа Миладиновци“ во Радовиш, се одржа мултимедијален настан со трибина на тема: „Мартинките во мотивите на народните обичаи во балканската традиција“. Настанот беше дел од Годишната програма на општина Радовиш која годинава одбележува јубилеј 1000 години од основањето и од првиот документиран запис за постоењето на градот во Грамотата на Василиј втори. На покана на организаторот, учество во мултимедијалниот настан зедоа етнолози од Народниот музеј од Видин, Република Бугарија, кои информираа за нивни добри практики на зачувување на мартинките како нематеријално културно наследство; поединци ракотворки како носители на елементот од градот Радовиш, кои заедно со педагози од ОУ „Никола Карев“ и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ реализираа работилница за изработка на мартинки со деца од основните училишта.

Управата за заштита на културното наследство зеде активно учество на настанот со презентација на тема „Мартинките во УНЕСКО“ на која се осврнавме на процесот на впишување на ова нематеријално добро во Националниот регистар на културно наследство, како и процесот на впишување на Мартинките на Репрезентативната Листа на УНЕСКО како дел од мултинационалната апликација  (заедно со Романија, Молдавија и Бугарија) со наслов „Културни практики за одбележување на 1ви Март“.

Од една страна обичајот на изработка и носење на мартинките во некои делови од Македонија речиси и да не е познат како обредна пракса, а од друга страна, пак, во пределите за коишто имаме податоци за негово егзистирање, денес мартинките се практикуваат во фамилијарен контекст од страна на поединци и влегува во делот на интимното доживување на празникот. Појавата пак на изработка и подарување на мартинки од страна на некои здруженија на граѓани, како и на други формални и неформални институции го реафирмира овој обичај во јавниот простор, како дел од неформалното образование во детските градинки и основни училишта со што се продолжува неговата егзистенција и во насока на креативна индустрија.

Да потсетиме дека записите за мартинките како социјална практика кои ги знаеме денес и се зачувани во етнографските материјали на браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, Ефрем Каранов, Панајот Ѓиноски или Васил Икономов, покажуваат наслојувања на повеќе балкански култури, со потекло уште од претхристијанскиот период. Како социјална практика, мартинките се празнуваат на први март (додека по стариот јулијански календар тоа е на четиринаесетти март) секоја година. Во народниот календар овој празник е познат под неколку имиња: Марта, Првна Марта, Баба Марта, Мартинден, Летник и сл. Нематеријалното културно добро „Обичајот Мартинки“ се манифестира со правење и носење на два усукани конци (најчесто во бело-црвена, понекогаш темно – бела боја) како своевидни амајлии. Мартинките се носат за здравје, среќа и заштита сè до првото појавување на птиците преселници, кога се ставаат под камен или обесуваат на дрво.

Од аспект на современото почитување и негување на знаењата за ова добро, ваквите мултимедијални настани како овој во организација на Библиотеката во Радовиш, претставуваат можност да се реактуелизираат локалните карактеристики и техники на изработка на мартинките во секој регион каде овој вид добра се сèуште живо наследство. Претставници на Управата за заштита на културното наследство беа м-р Ивона Опетческа Татарчевска, виш соработник за фоклорни добра и овластен раководител на Одделението за нематеријално културно наследство и Ана Ацеска помлад соработник за јазик и топоними.

Bookmark the permalink.

Comments are closed