Лансирање на Европската година на културното наследство 2018 во Македонија под мотото ,,Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“

На 31 јануари 2018 година, во просториите на ЕУ Инфо центарот во Скопје, беше презентирана и лансирана годишната програма за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, изготвена од стручни лица во Управата за заштита на културното наследство. Со тоа, Република Македонија се придужи на семејството настани кои ќе се одржат на европско ниво во рамките на оваа иницијатива.

Под слоганот ,,Нашето наследство – Европска вредност!“ и мотото ,,Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“, богатата национална програма на Управата за заштита на културното наследство за 2018 година, содржи бројни активности и настани за популаризација на македонското културно наследство, негово приближување до пошироката јавност преку јавни презентации, промоции и едукативни настани за деца, млади и студенти; ќе бидат публикувани значајни изданија за културното наследство, ќе бидат организирани стручни настани во вид на работилници и обуки за вработените во институциите за заштита на културното наследство, но и за граѓанскиот сектор и локалните заедници.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова-Митевска, на свеченото отворање на овој настан истакна дека сите активности и настани кои ќе бидат спроведени, се дел од законските обврски и надлежности на Управата, а една од клучните цели на овогодинешната програма, ќе биде и доближување на работата на Управата до пошироката јавност и до граѓаните, со цел јакнење на граѓанската свест за значењето на културното наследство. Исто така, таа нагласи дека преку промовирање на европските вредности, стандарди и нови текови во заштитата на културното наследство, Управата за заштита на културното наследство ќе даде и свој придонес кон оштата цел на Република Македонија – приближување до Европската Унија.

Министерот за култура во Владата на Република Македонија, г. Роберт Алаѓозовски го истакна своето задоволство од иницијативата Република Македонија да им се придружи на земјите-членки на Европската Унија во прославувањето и одбележувањето на Европската година на културното наследство 2018. Тој соопшти дека ,,Едeн од врвните приоритети на Министерството за култура на Република Македонија е културното наследство, негова заштита и промовирање на неговите европски вредности, а начелото за европеизација на македонскиот културен контекст е едно од клучните во новата стратегија за културен развој“. За крај истакна дека „Министерството за култура во целост ќе ја поддржи Управата за заштита на културното наследство во спроведувањeто на активностите во рамките на Годишната програма за одбележување на Европската година на културното наследство, препознавајќи ги бенефитите кои ќе произлезат од нивната реализација за севкупниот општествен контекст“.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Н.Е. г. Самуел Жбогар, официјално го означи почетокот на прославувањето на Европската година на културното наследство во Република Македонија во партнерство со Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство. Тој истакна дека „Во текот на 2018 год., низ цела Европа ќе се прославува разновидното културно наследство. Се надеваме дека активностите организирани во рамките на Европската година на културното наследство ќе охрабрат повеќе луѓе да го откриваат и да се вклучат во културното наследство на Европа, со цел да го зајакнат своето чувство на припадност на заедничкиот европски простор“. Амбасадорот исто така најави дека Европската Комисија развилa концепт наречен Рути за културно наследство ЕУ-Западен Балкан, во чии рамки Делегацијата на  ЕУ поддржа 12 проекти со помали грантови кои ќе се вклучат во одбележувањето на Европската година на културното наследство низ земјава.

Во вториот дел од настанот, м-р Кристина Бицева, советник во Управата за заштита на културното наследство и координатор на програмата, детално ги презентираше планираните настани и активности во текот на 2018 година во рамките на оваа програма и соопшти дека во програмата се вклучени активности кои ги следат клучните теми на Европската година на културното наследство: вклученост, одржливост, зачувување и иновација, а кои се однесуваат на сите видови културно наследство во Република Македонија: недвижно, движно и нематеријално. Со цел доближување на културното наследство и неговата заштита до граѓаните на Република Македонија, сите активности во рамките на Програмата ќе имаат едукативен карактер и ќе го популаризираат културното наследство. Сите активности во рамките на Европската година на културното наследство 2018, ќе можат да бидат следени на официјалната веб локација на Управата за заштита на културното наследство www.uzkn.gov.mk и на социјалните мрежи.

Програмата ќе се реализира со финансиска помош од Министерството за култура на Република Македонија и со сопствени буџетски и човечки ресурси на Управата за заштита на културното наследство.

На следниве линкови, можете да је преземете Програмата на македонски и англиски јазик.


Bookmark the permalink.

Comments are closed