Презентација на Годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018

Управата за заштита на културното наследство, орган во состав на Министерството за култура на Република Македонија, изготви Годишна програма за одбележување на  Европската година на културното наследство 2018, која ќе биде презентирана пред стручната и пошироката јавност, утре, на 31 јануари 2018 година во ЕУ Инфо Центарот во Скопје со почеток во 10:00 часот.
Со Одлука на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија, 2018 година беше прогласена за Европска година на културното наследство. Целта на оваа Европска иницијатива е да го промовира значењето на Европското културно наследство и да ја зајакне свеста за заедничката европска историја и вредности. Предвидените активности и проекти на земјите – членки на Европската Унија во рамките на оваа иницијатива, ќе опфатат неколку теми со посебно внимание на вклученоста на населението од најразлична возраст во зачувување на културното наследство, одржливоста на културното наследство во процесот на транзиција и во туризмот, зачувување на културното наследство, со акцент на зачувување на културното наследство во опасност и иновација во насока на подобрени вештини на професионалците од областа на заштитата на културното наследство, како и на сите оние кои се вклучени во неговото зачувување и презентација.

Иако Република Македонија сè уште не е полноправна членка на Европската Унија, сепак Управата за заштита на културното наследство го препозна значењето на дадените рамковни теми на Годината, кои се блиски до нејзините заложби и изготви Програма под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштитата на културното наследство“. Во рамките на оваа Програма во текот на 2018 година, Управата ќе организира серија активности и настани за едукација, заштита и популаризација за нашето материјално и нематеријално културно наследство коишто ќе бидат презентирани на овој настан.

Bookmark the permalink.

Comments are closed