Одржан работен состанок помеѓу Управата за заштита на културното наследство и Турската агенција за соработка и координација – ТИКА

На 26.9.2023 година во просториите на Управата за заштита на културното наследство се одржа работен состанок помеѓу Управата за заштита на културното наследство и Турската агенција за соработка и координација – ТИКА со цел утврдување на досегашната континуирана успешна соработка и разгледување на состојбата и реализацијата на тековните и претстојните проекти.

На состанокот присуствуваа м-р Зоран Павлов- директор на УЗКН,  м-р Данче Ристовска Костадинова- советник за билатерална и мултилатерална соработка во УЗКН и м-р Ана Алексова Тутковска- Помлад соработник за меѓународна помош и соработка во УЗКН. Турската делегација беше претставена од Махмут Чевик – потпретседател на ТИКА, Мехмет Бајрак – координатор на ТИКА во РС Македонија, Хулја Кирмизигул – главен координатор за РС Македонија и експерти од областа на архитектурата и културното наследство.

ТИКА спроведува активности во Република Северна Македонија од 2005 година, а до сега се реализирани околу 1 000 проекти во повеќе сектори. Во рамки на заштитата на културното наследство спроведува проекти за реставрација со цел зачувување на заедничкото историско наследство и одржување на постоењето на овие историски структури во РС Македонија. Во тие рамки, ТИКА во изминатите години започна со реставрација на многу османлиски споменици. Завршени се повеќе значајни проекти, меѓу кои и: реконструкцијата на Спомен-куќата на семејството на Кемал Ататурк во Коџаџик, конзервацијата на Мамут-ага џамија во Радање – Карбинци, адаптацијата на Воска амам во Охрид во изложбен простор, конзервацијата на Турбето на Синан Челеби на Плаошник, Зејнел Абедин-паша теќе во Охрид – шадрван и партерно уредување, конзервацијата на Мустафа Челеби џамија во Струга, археолошките истражувања во Султан Муратовата џамија во Скопје, реновирањето на Спомен-собата на Кемал Ататурк во Битола, непосредна заштита на Стариот амам во Тетово, конзервација на Мустафа-пашината џамија во Скопје и други проекти.

На состанокот уште еднаш се потврди фактот дека соработката со ТИКА е на завидно ниво и беше изразена желба за нејзино зајакнување преку заеднички активности на идни проекти на експерти од РС Македонија и Турција и споделување на нивни искуства преку организација на семинари, работилници и други собири.

Bookmark the permalink.

Comments are closed