Во старата македонска област Пелагонија, меѓу прилепските села Подмол и Бонче, во подножјето на Селечка Планина, на локалитетот Павла Чука се наоѓа гробница од македонски тип, датирана на преминот од 4 во 3 век пред Хр. Според нејзината монументалност и автентичност се претпоставува дека во неа бил погребан пелагонски владетел.
Истражувањата поврзани со овој простор датираат од 1936 година, кога била откриена раноантичката гробница односно дромосот и гробната комора. Во годините потоа 1985, 2005, 2006 биле вршени археолошки истражувања во непосредна близина на овој локалитет при што било утврдено дека на просторот на Старо Бонче во раната антика се протегал долен град на единствената огромна раноантичка градска целина. Потикнати од уникатноста на гробницата на локалитетот Павла Чука, Филозофски факултет, во рамките на проектот Систематски археолошки истражувања на комлексот Висока и Старо Бонче, во 2007 година ја отпочнува кампањата со цел истата да се доистражи и документира.
На 15.07.2020 година Филозофски факултет, под раководство на проф. д-р Антонио Јакимовски и стручен тим продолжи со истражувањата во непосредна близина на Гробницата на локалитетот Павла Чука, започнати минатата 2019 година, поточно од западната страна на дромосот, со цел откривање на ѕидната архитектура кон запад од дромосот на гробницата, со што ќе се дефинира формата на просторот кој бил ограден, добивање на поконкретни сознанија за неговата намена и датирање, како и откривање на поголем простор со цел да се утврди дали постојат и постари фази на користење на просторот.
На ден 29.07.2020 година Гробницата на локалитетот Павла Чука ја посетија директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов и деканот на Филозофскиот факултет проф. д-р Ратко Дуев, при што беа разгледани повеќе можности за издвојување на поголеми средства за сеопфатно истражување на овој бисер, кој претставува дел од нашето богато културно наследство, да се инвестира во потребната инфраструктура и пристап до локалитетот, беа разменети искуства околу заштитата на културното наследство и потребата од воспоставување соработка.