Илијадници археолошки наоди на „Македонија 2010“

На традиционалната археолошка изложба, која е одблесок од најновите откритија во текот на 2010 година, се изложени седум илијади експонати, меѓу кои, највредните парчиња, златните монети од Скопската тврдина и од Виничкото Кале и депото со сребрените венецијански монети од Плаошник

Околу седум илијади археолошки пронајдоци, меѓу кои мошне вредни парчиња, се изложени на завршната археолошка изложба „Македонија 2010“, која се отвори на крајот од месец декември во Музејот на Македонија.

Посетителите имаат можност да ги погледнат најновите наоди кои во текот на 2010 година беа откриени на археолошките наоѓалишта: Скопската тврдина – Кале, Скупи и Таор од Скопје и Скопско, Стоби кај Градско, Стибера кај Прилеп, Хераклеја кај Битола, Плаошник, Самуиловата тврдина и Заливот на Коските (Музеј на вода) во Охрид и Охридско, Исар-Марвинци кај Валандово, Вардарски Рид кај Гевгелија, Цареви Кули кај Струмица, Виничко Кале кај Виница, Исар-Штип и Баргала во Штип и Штипско, Кокино кај Куманово и Тетовско Кале – Балтепе кај Тетово. И покрај рецесијата која ја намали динамиката на археолошките активности во 2010 година, истражувачката програма се оствари во целина и понуди дури 70000 движни археолошки предмети, многубројни остатоци од стари архитектонски објекти, профани и сакрални, многубројни културни слоеви, односно беше осветлена богатата стратиграфија на македонската почва. Има многу пронајдоци, но круна на археолошките истражувања од 2010 година се депоата со златните монети од Скопската тврдина и од Виничкото Кале, потоа, депото со двесте и педесет сребрени венецијански монети со потекло од XIII век од Плаошник и многу други наоди. Како и во изминатите години така и во 2010 година, од движните вредности најмногу е застапена керамичката продукција на минатите цивилизации, т.н. златен арсенал на археолошката професија, потоа многубројни предмети од разновидни метали (злато, сребро, бронза и железо) и друго. Во минатогодишните археолошки истражувања, кои, според своето значење, влегуваат во рамките на капиталните проекти од Програмата на Владата на Република Македонија, беа вклучени речиси сите археолози, многу млади архитекти, конзерватори и други стручни лица, како и околу 3000 физички работници.

Bookmark the permalink.

Comments are closed