Работна посета на преставник од УНЕСКО-РОСТЕ на Македонија

Во пресрет на престојната Регионална средба за превенција од нелегална трговија со културни добра и други противправни дејствија, од 06-10.02.2006 година во работна посета на Македонија престојуваше г. Дамир Дијаковиќ, програмски специјалист за култура од Канцаларијата на УНЕСКО во Венеција.
Посетата беше искористена за поттикнување повеќе теми од интерес на културните институции во Македонија:

” Допрецизирање на местото, учесниците и програмата за престојната Регионална средба, која финансиски е поддржана од УНЕСКО-РОСТЕ;

” Со координаторите на Проектот за конзервација на црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид беа разгледани развојните фази на Проектот, како и вклучување на УНЕСКО-РОСТЕ со финансиска поддршка за изработка на потребната документација на споменикот;
” Беа водени разговори за деталите за развивање на Проектот за дигитализација на културното наследство и активностите околу формирање регионален центар за дигитализација – проект координиран од УНЕСКО-РОСТЕ, а финансиски поддржан од Владата на Република Италија;
” Со г. Јован Ристов, директор на Управата за заштита на културното наследство, г.Јордан Трца, директор на Завод и Музеј Охрид, како и преставници од Министерството за култура и Националната комисија за УНЕСКО во Република Македонија, беше иницирано прашањето за воспоставување систем за изработка на менаџмент-план за градот Охрид, кој е на Листата на светското културно наследство и можностите за вклучување на УНЕСКО-РОСТЕ во одделни фази во изработката на планот, каде што ефектите би биле најголеми;
” Посебен акцент беше даден на залагањата на УНЕСКО-РОСТЕ во изнаоѓањето начини за упатување на тренинг-курсеви на стручен кадар од областа на заштитата на културното наследство. Во тој контекст, со г. Бехиџудин Шехаби, директор на Националниот конзерваторски центар, беше разговарано за можности тројца хемичари од Националниот конзерваторски центар – Скопје да бидат упатени на 15- дневен престој во лабораторијата на ИКРОМ во Рим – Италија.

Работни средби беа остварени и со проф. д-р Предраг Гавриловиќ, претседател на МНК ИКОМОС, и претставници од Амбасадата на Република Италија. На крајот од посетата посебна средба беше остварена со министерот за култура, г. Благој Стефановски, кој беше информиран за реализираниот престој, како и за идните планови и активности на Канцеларијата за култура на УНЕСКО во Венеција во изнаоѓањето начини за поддршка на активностите во Република Македонија.

Bookmark the permalink.

Comments are closed