Европска година на културното наследство 2018

   Со Одлука на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија, 2018 година е прогласена за Европска година на културното наследство. Целта на оваа Европска иницијатива е да го промовира значењето на Европското културно наследство и да ја зајакне свеста за заедничката европска историја и вредности. Под слоганот за Годината „Нашето наследство: каде минатото се сретнува со иднината“, се подвлекува заложбата за подобро разбирање на минатото преку културното наследство, кое воедно овозможува и поглед кон иднината. Европската година на културното наследство ќе ја нагласи вредноста на културното наследство за општеството, неговиот придонес кон економијата, неговото значење за односите на ЕУ со остатокот од светот (културна дипломатија) и значењето на зачувувањето на културното наследство за идните генарации.

Европска година на културното наследство покрива неколку клучни теми:

Вклученост

Споделено наследство: приближување на Европското културно наследство, историја и заеднички вредности поблиску до граѓаните;
Културно наследство во школо: откривање на богатствата на Европа од рана возраст; Младината за културното наследство: ангажирање на младата генерација.

Одржливост

Културното наследство во транзиција: нов поглед кон индустриските, верските и воените локалитети;

Туризам и наследство: одговорен и одржлив туризам поврзан со културното наследство.

Зачувување

Чување на наследството: развивање на стандарди за квалитетни интервенции во историската средина и на локалитетите;
Културно наследство во опасност: борба против незаконската трговија со културни добра и управување со ризици

Иновација

Вештини за културно наследство: зајакнување на едукацијата и обуките за традиционални и нови професии;
Културно наследство за сите: поттикнување на учеството и социјални иновации;
Науката за наследството: искористување на истражувањата, иновациите, науката и технологиите за подобра конзервација и презентација на културното наследство.

Преку овие теми, во земјите-членки на Европската Унија следната година ќе се организираат мноштво на настани и проекти на европско, национално, регионално и локално ниво, фокусирани на вклучување на пошироката јавност, особено на децата и младите, кои би помогнале во зајакнувањето на нивното знаење за културното наследство, но и за припадноста во поширокото Европско семејство. Воедно, оваа Година ќе отвори и можности за дебата и зголемување на квалитетот на мерките за зачувување и заштита на културното наследство.

Европската година на културното наследство во Република Македонија

Иако Република Македонија сè уште не е полноправна членка на Европската Унија и нема обврска да ја спроведе одлуката на европските институции за спроведување на оваа целогодишна манифестација, сепак Управата за заштита на културното наследство го препозна значењето на дадените рамковни теми на Годината, кои се блиски и до нејзините заложби.

Стручни лица од Управата заштита на културното наследство веќе подготвуваат национална програма на активности со кои и Република Македонија ќе им се приклучи на земјите-членки на Европската Унија во прославувањето на вредностите и на македонското културно наследство како дел од европското. Во таа насока, во кампањата која ќе ја води Управата, ќе бидат вклучени проекти и активности за популаризација на нашето, но европско културно наследство, негово приближување до пошироката јавност преку јавни презентации, промоции и едукативни настани за децата и младите, стручни настани (работилници, обуки) за вработените во институциите за заштита на културното наследство, но и за граѓанскиот сектор и локалните заедници. Оваа наша програма на активности за одбележување на Европската година на културното наследство, ќе биде промовирана пред јавноста во јануари 2018 година.

Bookmark the permalink.

Comments are closed