СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА

Во врска со активностите за конзервација, реставрација и реконструкција на Али пашината џамија во Охрид (ул.Климент Охридски бб, КП 15158, КО Охрид 3), и информациите кои се пласираат во медиумите, Управата за заштита на културното наследство согласно своите законски надлежности и постапувања ја дава следната информација:

Недвижното добро Али Пашина џамија во Охрид врз основа на Елаборат за ревалоризација (бр. 03-244/14 од 18.02.2014 год. изготвен од страна на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид) е прогласена за значајно културно наследство (Решение УП бр. 18-90 од 29.12.2014 год. издадено од Управата за заштита на културното наследство) со соодветен режим на заштита и истата е впишана во Националниот регистар на културното наследство, Главна книга, Дел први – Недвижно културно наследство.

Со наведениот Елаборат е констатирано дека несоодветно превземени мерки на обнова спроведени во минатиот век во голема мера ја нарушуваат автентичноста и негативно влијаат врз состојбата на заштитеното добро. Воедно, почитувајќи ги принципите на заштита со пропишаниот режим на заштита е предвидено враќање на изгубените вредности и отстранување на сите елементи кои го деградираат културното добро.

За таа цел изготвен е Основен Проект за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Али Пашината џамија во Охрид (изработен од МЗТ ИНЖЕНЕРИНГ, ДОО Битола – тех.бр. 03-83/1 од 05.2016) со неопходните фазни проекти. Констатирајќи дека се исполнети условите предвидени во членот 87 од Законот за заштита на културното наследство („Сл. весник на РМ“ бр. 20/04, 71/04, 115/07, 18/11, 148/11, 23/13, 137/13, 164/13, 38/14, 44/14, 199/14, 104/15, 154/15, 102/15 и 39/16) од страна на Управата за заштита на културното наследство, а по барање на имателот на доброто – Исламска верска заедница во РМ – Муфтиство Охрид, за преземање мерки на непосредна заштита на недвижното културно добро издадено е Конзерваторско одобрение за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Али Пашината џамија во Охрид (УП бр. 08-595 од 08.06.2016 год.).

Согласно надлежностите и овластувањата кои произлегуваат од Законот за заштита на културното наследство, инспекциската служба во Управата на ден 06.06.2017 година изврши инспекциски надзор на работите на непосредна заштита и спроведувањето на други мерки на заштита на предметното добро, односно над изведувањето работи на непосредна заштита за автентично обновување на заштитеното добро Али Пашина џамија во Охрид. Со надзорот се констатира дека сите работи на непосредна заштита кои се изведуваат во моментот на увид, како и претходно изведените работи, се во согласност со издаденото Конзерваторското одобрение од Управата за заштита на културното наследство, односно сите работи на обнова на заштитеното добро / конзервација, реставрација и реконструкција се изведуваат според одобрениот Основен проект (Записник ИП1 бр. 12-41 од 07.06.2017 год.). За следење на изведувањето на работите на непосредна заштита на доброто, согласно член 89 од Законот за заштита на културноото наследство, од страна на надлежната установа за заштита (НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид) се назначени раководител на работите на непосредна заштита, конзерваторски надзор и археолошки надзор за следење на активностите при изведба на земјени работи.

Наведеното потврдува дека работите на непосредна заштита на Али Пашината џамија во Охрид се во согласност со Решението за прогласување на значајно културно наследство, односно согласно пропишаниот режим на заштита од втор степен и со пропишаното со член 11 став 1 точка 11 и 12, каде, реставрација и реконструкција се попстапки и методи на обновување и на минарето на Али пашината џамија.

Од извршениот инспекциски надзор на ден 07.11.2017 година од страна на инспекциските служби на Управата (Записник бр.12-1264/15 од 09.11.2017), констатирано е дека сите работи на непосредна заштита се изведуваат во се согласно одобрената проектна документација. Но, за предметниот објект не е испочитувано пропишаното со точка 6 од диспозитивот на Конзерваторското одобрение каде е пропишано дека „работите од став 1 од диспозитивот на ова одобрение може да се изведат врз основа на правосилно одобрение согласно со прописите за градење“. Во таа насока, согледувајќи дека не е испочитувано конзерваторското одобрение во целост, постапено е согласно член 172 став 1 точка 10 од Законот за заштита на културното наследство и поведена е постапка против носителот на конзерваторското одобрение – Исламската верска заедница – Муфтиство Охрид поради изведување на работи на непосредна заштита спротивно на издаденото конзерваторско одобрение. За констатираните неправилности Управата писмено го извести и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за постапување согласно нивните надлежности.

Напоменуваме и дека при отстранувањето на бесправно изградените објекти, вклучително и тремот на џамијата и другите пропратни градби, односно изведба на земјени работи при темелењето на помошните простории – тоалети, не се констатирани археолошки остатоци што е констатирано и во извештаите од археолошкиот надзор.

УПРАВА ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО

Bookmark the permalink.

Comments are closed