Завршна церемонија по повод успешна реализација на проектот ,,Конзервација на крстилницата од Стоби“

На 24 октомври 2018 година,  на археолошкиот локалитет Стоби, се одржа заврша церемонија по повод успешната реализација на проектот ,,Конзервација на крстилницата од Стоби“, проект финансиран со грант од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство на Соединетите Американски Држави, на која присуствуваше и делегација од Управата за заштита на културното наследство, предводена од директорката д-р Елеонора Петрова – Митевска.

На завршната церемонија се обратија Претседателот на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев, Амбасадорот на САД во Република Македонија, г. Џес Л. Бејли, Министерот за култура, г. Асаф Адеми и директорот на НУ Стоби, г. Спасе Перовски, додека реализацијата на проектот беше презентирана од страна на координаторот на проектот, м-р Мишко Тутковски.

Епископскиот комплекс од Стоби се состои од Старата епископска базилика, Големата или Филипова базилика и крстилницата, кои се едни од најзначајните ранохристијански градби откриени на територијата на Република Македонија. Нивните архитектонски и декоративни елементи ја отсликуваат еволутивната патека на христијанското градежништво и уметност во периодот од втората половина на IV век, па сѐ до крајот на VI век.

Заштитата и презентацијата на овој уникатен споменик од ранохристијанско време се помеѓу врвните приоритети на Националната установа Стоби уште од 2013 година, кога бил изготвен првиот проект за конзервација на мозаикот во крстилницата. Поради недостиг од финансиски средства, конзервацијата на споменикот била одложена до 2016 година, кога на НУ Стоби  ѝ беше доделен грант во висина од 89.000$ со што беше овозможено да се изврши целосна конзервација и реставрација на крстилницата од Епископската базилика во текот на 2017 и 2018 година.

По завршување на сите конзерваторско-реставраторски работи на мозаикот од крстилницата, финалната фаза од проектот вклучувала анастилоза, односно поставување на сите мермерни столбови и капители во нивната оригинална местоположба во крстилницата, а во исто време, во својата изворна местоположба бил вратен и мермерниот кантарос, со што  крстилницата на Епископската базилика од Стоби повторно го добива својот автентичен изглед од VI век.

©Фотографиите се преземени од Влада на Република Македонија

Bookmark the permalink.

Comments are closed