Донаторска акција на боенки и публикации во издание на Управата за заштита на културното наследство

Во пресрет на одбележувањето на 20 годишнината од своето основање, Управата за заштита на културното наследство спроведе донаторска акција на боенки и публикации кои го илустрираат нашето богато културно наследство. Во акцијата беа опфатени три основни училишта: ООУ Братство, ООУ Петар Поп Арсов во Скопје и ООУ Кочо Рацин во Кратово како и Националната установа Музеј на РС Македонија и Музејот на град Кратово.

Боенката насловена „Го сакам и се грижам за културното наследство на Македонија“ беше изготвена во 2018 година во рамките на годишната програма за одбележување на ,,Европска година на културното наследство“, со поддршка од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а во издание на Управата за заштита на културното наследство. Боенката содржи разновидни илустрации со културни добра од нашата држава (движни и недвижни,  материјални и нематеријални) збогатени со истражувачки прашања и насоки. Целите на ова издание се запознавање на најмладите со културните добра на нашата земја, подигнување на свеста за значењето и вредностите на културното наследство од најрани години, развивање на свест за грижа и почитување на културното наследство и ангажирање на младите во грижата за културното наследство.

Со надеж дека ќе послужат во збогатувањето на активностите кои ќе се реализираат во едукативното катче на Музејот на РС Македонија, како и во селектираните основни училишта при реализацијата на нивните воннаставни активности, Управата за заштита на културното наследство донираше 200 примероци од овие специјално дизајнирани наменски боенки.

Во истата прилика, а со цел широка дистрибуција и промоција на печатените монографии со нашето богато археолошко, сакрално и световно културно наследство, беа донирани изданија кои се објавени во рамките на проектот ,,Најзначајните вредности од областа на културното и природното наследство на Република Македонија“, исто така во издание на Управата за заштита на културното наследство.

Публикациите беа донирани на директорите на институциите од страна на директорот на Управата за заштита на културното наследство, м-р Зоран Павлов, додека целата акција беше координирана од страна на вработените во Одделението за меѓународна соработка.

Боенката и останатите публикации кои се објавени во рамките на издавачката дејност на Управата за заштита на културното наследство, се достапни за бесплатно преземање во електронска форма на веб-страната на Управата во сегментот ,,ПУБЛИКАЦИИ“, односно на следниот линк: https://bit.ly/4cRLVOI

Bookmark the permalink.

Comments are closed