Управата за заштита на културното наследство изминатиов период интензивно работи на впишување на нови нематеријални добра на национално ниво, амбицирајќи се да ја достигне симболичната бројка на 100 впишани нематеријални добра во Главната книга (дел III) од Националниот регистар.
Во последниот циклус на впишувања на нематеријални добра Управата донесе решенија за прогласување на „Ратевските бамбурци“, „Струшкиот вез“, „Македонската чалгиска музика“ и „Традицијата и културата на правење ајвар“ како културно наследство на Република Македонија.
Во документацијата на поднесените елаборати за секое добро поединечно, стои дека:
„Ратевските бамбурци“

Машката обредна поворка „бамбурци“ од малешевското (беровско) село Ратево е специфична обредна поворка, која иако по многу нешта е слична со останатите машки обредни поворки што се одржуваат во период на т.н. „некрстени денови“ ширум Македонија, таа има и свои специфики. Најпрво, специфичното име „бамбурцѝ“ кое се доведува во корелација со некои од називите за машките обредни поворки што се одржуваат во етнографскиот простор на Пиринска Македонија (Горноџумајско/Благоевградско, Петричко, Неврокопско/Гоцеделчевско и др.) или „бабари“ во Битолско и Демирхисарско (Железник), во западниот дел од Р. Македонија.
Втората важна специфика на ратевските „бамбурци“ претставува самиот датум на одржувањето на обредната поворка, 20-ти јануари, според грегоријанскиот календар кој е во граѓанска употреба, односно 7-ми јануари според јулијанскиот календар, што значи дека се одржува по завршувањето на периодот на т.н. „некрстени денови“ (од Божик – 25.XII/7.I до Богојавление/Водици – 6.I/19.I).
Имено, во црковниот календар овој празник следува по денот посветен на крштевањето на Исус во водите на реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител (Претеча) и се прославува како Собор на Свети Јован Крстител.
Што се однесува до самата обредна поворка, како специфика може да се издвои и облеката изработена од животински, воглавно овчи кожи и маскирањето со мошне високи, зооморфни маски со рогови, кои надминуваат една просечна човечка височина а кои не се присутни кај останатите машки обредни игри во Македонија.
Сличностите со другите машки обредни поворки кои се сретнуваат и кај ратевските бамбурци се обредните реквизити за создавање бучава – разни големини на клопотарци и ѕвонци, вообичаено прицврстени околу половината на учесниците, стаповите како обредни реквизити што ги користеле бамбурците во првите децении од минатиот век, но, во последниве неколку децении ѕвонците во поворките на „Ратевските бамбурци“ се изоставени.
„Струшкиот вез“

Нематеријалното културно добро кое е именувано како “Струшки вез-техника и вештина на везење” се однесува на везбените техники и вештини на создавање на сите традиционални везови и мотиви кои се дел од носијата на македонското население во градот Струга и во пределите на Струшки Дримкол и Струшко Поле, како и нивните модификации кои влегле во градската женска носија и текстилната покуќнина од утилитарен карактер настанати во текот на дваесеттиот век.
Носители на доброто “Струшки вез-техника и вештина на везење” се исклучиво жените, кои во традициската култура ја презеле обврската да го уредуваат домот со текстилна покуќнина, и да потготвуваат облека за целото семејство. Освен уметничките рачни везови, на кошули (ободот на долниот дел), ракавите на кошулите, покривалата за глава (марами и сокаи), подоцна струшкиот вез се појавува модифициран во утилитарни предмети за домаќинството како завеси, перници, чаршави за маса, или како дел од „модерната“ облека во стилот на „ала франка“ (кратки кошули, марами и др).
Мотивите на струшкиот вез се компонирани од ред широки, па потесни орнаментирани бордури, над кои се издига вертикално везена лента поставена по целата должина на составните делови од везбениот предмет, која циклично се повторува. Посебно карактеристични мотиви кои ја сочинуваат композицијата на „Струшкиот вез“ има многу, но, покарактеристични се: чикме, перка, крст/крстој, ветки полнатици, препашка, перка, ветка, пилиња, ѓулоизрцала, мосте, бедеми и др. поставени во квадратна рамка. Од везбените техники најзастапени се: „со крфчиња“ и „коси бодови“, додека во минатото застапени биле и техниките: подлачно, „ткаен шар“, нофтено, кинато.
„Македонската чалгиска музика“

“Чалгиската музика во Република Македонија“ се однесува на музички стил како дел од староградската музичка култура во Македонија од XVIII век, кој е живо наследство и денес и кој обединува музички иструментариум од ориентален тип, организиран во музички групи што изведуваат инструментални и вокално-инструментални музички творби.
Како носители на доброто во традиционална смисла се јавуваат машки градски музички состави-„тајфи“ со мешан етнички состав. Типичен чалгиски инструментариум што го обликува овој музички звук и израз се смета: канонот, утот, лаутата, потоа виолината (нарекувана и ќемане), кларинетот (нарекуван и грнета), дајрето и дефот, подоцна заменети со тарабука. Специфично за овие музички состави е истовремено пеење на сите музичари од чалгиската тајфа додека се придружуваат со своите инструменти, затоа понекогаш се именувани и како „трубадури“. Музичарите/чалгаџиите практикувале и таен „немушт говор“ за нивна меѓусебна комуникација. Денес во голема мера чалгискиот состав е видоизменет, во тајфите иако ретко, членуваат и жени кои се вешти на своите инструменти.
Чалгијата како музички израз била присутна во речиси сите македонски градски средини, и била симбол на отменоста и раскошноста на градскиот живот. Секој град имал свој музички репертоар, оттаму, денес се зборува за постоење на стилови или музички дијалекти во чалгиската традиција во секој град во Македонија посебно. Репетоарот на чалгаџиите е широк, доминантно балкански, свиреле македонскa, турскa, ромскa, албанскa, влашкa и грчкa музика, прилагодувајќи го репертоарот согласно контекстот, што укажува на голема слобода во уметничкото изразување и креативност, исполнувајќи една од најважните социјални општествени функци да создаваат национална кохезија. Иако во основа на чалгиската традиција е ориенталниот звук или свирењето во стилот на „ала турка“, во првата половина на XX век истиот бил збогатен со инструментални мелодии и танци што потекнуваат од западно-европската култура, со изразни специфики на „ала франка“ свирењето.
Посебни карактеристики кои се негуваат во овој музички стил, се: музичката импровизација (т.н. „мане“, „наме“ и „таксими“), на тонална основа на ориенталните маками/скали, водена од три основни музички принципи: водечка мелодија, придружна мелодија и пулсирачки ритам.
Чалгијата како дел од секојдневието на градскиот човек, имала значајна улога во креирањето на културниот музички живот во македонските градови, не само на семејните прослави, таа сèуште е симбол за традиционална градска музика во јавните простори а како дел од креативните индустрии е и значаен фактор на збогатување на македонската популарна музичка сцена. Чалгиската музика како културно добро од XVIII век наваму, претставува идентитетски културен маркер кој има значајна улога во афирмирањето на музичкиот идентитет на национално и меѓународно ниво на сите етницитети што живеат во Македонија.
„Традицијата и културата на правење ајвар“

Нематеријалното добро “Традиција и култура на правење ајвар во Република Македонија“ е збир од традиционални знаења, вештини и современи обредно-обичајни практики при подготовката на традиционалниот намаз „ајвар“, кој е дел од исхраната на сите етницитети во Македонија. Процесот на подготовка е комплексен и се реализира како повеќедневна семејна сезонска активност. Сезоната на правење ајвар започнува од крајот на летото и трае до средината на есента. Традицијата на правење ајвар како процес на конзервирање на храна за зимскиот период, опфаќа повеќе постапки на термичка и механичка обработка на пиперката „Ајварка“ или „Куртовска капија“, што се одгледуваат на југот од Македонија, а кои по своите својства се познати и во регионот на Југоисточна Европа. Ајварот како складирана зимска исхрана (зимница) најчесто се подготвува по различни семејни рецептури и во количини доволни за секое семејство посебно.
Како носител на доброто се јавува безмалку целата популација во државата, имајќи предвид дека во подготовката на овој намаз учествуваат цели семејства без оглед на возраста, полот или економската состојба. Самиот процес на правење ајвар како знаење, вештина и рецептура е специфичен за секое потесно или пошироко семејство и е модифицирана верзија на вкусот на секое семејство кое го подготвува (благ, лут, цепкан, црвен, зелен ајвар), токму затоа, преносот на овие знаења се одвива по устен пат во рамките на семејствата.
Традицијата на производство на ајвар, во себе обединува бројни социјални и културни функции кои се базираат на создавање семејна кохезија преку хиерархиската поделба на трудот во потесно и поширокото семејство; социјализација со непосредното соседство со кое се дели заеднички простор; истотака во себе носи принцип на воспоставување релација меѓу човекот и природата, воедно негувајќи одгледување на локални еко сорти на градинарски зеленчук.
Ова исклучително живо нематеријално наследство има посебно значење во традиционалната исхрана за македонската нација, претставува еден од посилните современи културно- идентитетски маркери кој го одржува чувството на припадност кон колективитетот и нуди основа за развој на еко туризмот базиран на традиционална гастрономија преку афирмација на мали земјоделски домаќинства како носители на екотуристичките понуди, односно развивање на цели региони во гастрономски туристички дестинации.


